Ова не е роман. Ова е нешто помегу сага и еп.

„И јас сум Сирма” е збирка приказни што „авторката” ги има собирано во изминативе шеснаесет века. Таа вели дека сѐ што напишала е вистина, но искрено мислам дека некои делови се пренесени со прекумерна доза на патриотизам. Особено кон соседите. Но… таков е нејзиниот табиет: горд, искрен, чесен, мил, полн со емпатија. Напати ме потсетува на некого; на мајка ти, баба ти, на маіка ми… но наімногу од сѐ ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоа реченица.

„Авторката” не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат. Кога издавачот ми го прати текстот да напишам рецензија, не наидов на ништо што не ми е познато. Имав впечаток дека секоја страница од оваа историска читанка ја има некаде во нашите гени. За некои од ликовите можеби не сте чуле или, пак, имате погрешна слика, но сите тие се јунаци.

Драг читателу, ти можеш да кажеш дека ништо од ова не е точно, но нема да можеш да не ја дочиташ книгава докрај, затоа што цел живот ќе ти jаде душата. Однатре. Тивко, полека.

Зоран Спасов Sоф
рецензент, близок соработник на Сирма
и пишувач на лектири за возрасни

Приказните на Сирма

  • Белешка за авторката
    9
  • Поговор или предговор, зарем е важно?
    22
  • ИСТОРИJА или ДАЛЕЧНО МИНАТО
    25
  • Tуѓината пуста да остане
    27
  • Драмолетка на две сцени
    32
  • Ја земи ножето, распарај срцето
    39
  • Грофот Монте Кристо од Маџир Маало
    48
  • Револуцијата ги јаде своите чеда
    55
  • Маро мори!
    66
  • Младото Ибе
    73
  • Георги Ацев и Страшо Димитров
    77
  • Православниот Реџеп
    85
  • Херојот и двајцата предавници
    90
  • Царот – нашиот последен Мохиканец
    95
  • Македонската Ана Франк
    102
  • Четирите мускетарки
    109
  • Жолта Дуња, зелен бор…
    114
  • Како Велес стана Титов Велес?
    119
  • Она кога Бугарија ќе ти подаде рака
    123
  • ПРИКАЗНИ или БЛИСКО МИНАТО
    127
  • На Нострадамус сè му беше јасно
    129
  • Да ми чуваш добро место во пеколот
    133
  • Фамилијата на Баба Сирма
    137
  • Сто и триесет години ЦДЕМ
    143
  • Шах без ловци, топови и кралици
    147
  • Игри без граници
    150
  • Гергана, Хрисула и Мердита
    153
  • Тато, зошто ме утепа од лажење?
    156
  • Писмена работа по македонски јазик
    162
  • Загатки што немаат одговор
    166
  • Back to the Future
    170
  • Неврзаните Сикс Пистолс
    174
  • Сирма, сине мој!
    177
  • ФИКЦИЈА или БЛИСКА ИДНИНА
    181
  • Македонија е далеку од вечна
    183
  • Балканска пијанка и европски погреб
    190
  • Една за сите, сите за никаде
    202
  • НАРАВОУЧЕНИЕ или SВЕЗДА ВОДИЛКА
    209
  • Меѓу љубовта и трепетите на настаните
    211

Прочитај една од приказните

Од дневникот на еден читател

Меѓу љубовта и трепетите на настаните

Мишо Китаноски:
Со возбуда и со внимание ја прочитав најновата книга романот „И јас сум Сирма“ од Зоран Спасов-Ѕоф. Она што е содржано во книгата (како идеја, тема, содржина, наратив) ме натера да потсетам дека „И јас сум Сирма“ по многу нешта се разликува од сите книги со историска содржина досега објавени кај нас…

Овој роман по многу нешта ме потсети на првите две книги посветени на Пасквелија од Живко Чинго. Тој со нив неочекувано стана „Случајот Чинго“, што го изрече и за што многу долг текст напиша и објави знаменитиот македонски критичар, Димитар Митрев. Се работи за тоа дека тој направил посебен „грев“ затоа што во расказите пишувал за годините/времето по ослободувањето на нашата земја, за новата народна власт и нејзините зафати со „хибридни чуда“ да создаде нешто поразлично од другите…

Наспроти Чинго, Ѕоф со својот најнов роман „И јас сум Сирма“, „несвесно“ и самиот станува втор „случај“ (ни виновен, ни должен) во современата македонска литература. Ако Чинго се потсмеваше на новата народна власт и некои нејзини неконтролирани постапки и зафати, Ѕоф, пак, погледнато од денешен аспект и дистанција, на нашата историја гледа со својот диоптер и ја разградува на еден специфичен, исклучително читлив и заводлив начин, па дури и шармерски, така што нашето модерно облечено минато ни го предава како флуидно, кадифено многувековие и многучовековие. Писателот Зоран Спасов-Ѕоф, низ убаво пронајдените некогашни (починaти) ликови, подеднакво и живите, сега дејствувачки ликови, прави спој, ни ги претставува и на најдобар начин ни ги доближува прекрасно избраните „бели“ и „црни“ точки од нашата многувековна тажна, но важна историја. Од една страна, со „црните“ точки ја ослободува, односно „контаминираната“ историја ја „деконтаминира“, а, од друга страна, нашата премногу „историзирана“ историја (како резултат, пред сè и над сè, на диктатот од надворешни фактори и страни) пак, ќе речам, вака топло, јасно, отворено и чисто ја „деисторизира“. Читателот ќе има прекрасно задоволство да го задоволи своето жедно љубопитство преку спонтаното и ненаметливо, топло и интересно раскажување на кој, ако не на Сирма Војвода, главниот лик во оваа чудесно убава книга.

Дека во овој роман имa од сè по малку: и од социјалистичкиот реализам и од модернизмот и од постмодернизмот, дека овој роман е исполнет со „разгалената“ македонска историја, на најдобар начин зборуваат деловите распоредени во три циклуси. „Историја или далечно минато“, „Приказни или блиско минато“ и третиот циклус со наслов „Фикција или блиска иднина“. Но, меѓу кориците на романот на Ѕоф ги имате потсетувањата на оние наши почетоци од 576 г. па преку 1856 г. што е тапија која го означува „доаѓањето“ од зад Карпатите на овие балкански простори, до нашиот (смешно-жалосен прием во ЕУ 2043 г.) ако дотогаш опстанеме како држава. Овие мошне сурови факти на измислени записници, па доцитирање датуми и на оригинални документи, покажуваат дека ова е историски наратив во чија основа и срцевина лежат вистинските настани и личности од нашето минато кои дејствувале во различни времиња, но и со приближно исти гледишта или остварени придобивки и историски решенија.

Кога кон погорните редови ќе се додаде податокот дека во романот „И јас сум Сирма“ се наведуваат преку педесетина и повеќе имиња на топоними каде што се одиграле/случиле настаните за кои раскажува, односно ненаметливо кажува авторот Ѕоф, тогаш авторовата галерија-универзум добива во автентичност и ширина, потврдувајќи го непобитниот факт дека станува збор и за литературно-документарна проза која возбудува и поттикнува на размислување. Но, некој од читателите може овој роман да го нарече политикантски, а друг, пак, интригантски. Ете, поради оваа дилема, според мене, „Случајот Ѕоф“ оправдано или неоправдано, станува втор во современата македонска литература.

Пример што заслужува посебно внимание и влегува во неговата биографија, зашто тој со секој нов ракопис експериментира, односно нуди нови читателски сознанија.

Моќта на писателот Ѕоф е толку сугестивна, но и раскошно моќна, што тој и на овој свој најнов роман му дава посебен раскажувачки шмек, притоа не заземајќи страна. А неговиот талент на осведочен и потврден автор се гледа во моќта преку правење микс, односно миксирање на вистинските настани од минатото и сегашноста за да ни ги доближи првото, а да ни го прикаже второто со сите свои слабости, пропусти и опстојување…

Романот на Зоран Спасов-Ѕоф ја има и следната оригиналност, која пред многу децении ја пласира истакнатиот француски писател Ален Роб Грије. Имено, тој сакал да напише роман (и напишал и објавил) чии страници нема да бидат одбележани/пагинирани со бројка. Колку неговиот експеримент успеал и би ви се допаднал, не ми е доволно познато, но можам со сигурност да посведочам (како читател) дека овој „експеримент“ му успеа на Зоран Спасов-Ѕоф. Читателот на романот „И јас сум Сирма“ може да го чита уште како збирка. Тоа значи читателот може сам да ја избира страницата што сака да ја чита, без притоа да се држи споредвековното правило на строго определениот начин на пишување, печатење и читање.

Затоа, романот „И јас сум Сирма“ можете да го читaте од кој дел/глава сакате тоа да биде. Чудесно, ништо нема да изгубите ако почнете да го читате „од крајот“ или, пак, „од средината“, изборот е ваш, а возбудата за тоа му припаѓа на Зоран Спасов-Ѕоф.

Ете, и поради ова, авторот Ѕоф станува втор „случај“ во современата македонска литература, значи за домашна употреба – читањето, но и за наш литературен експорт и пошироко и подалечно презентирање во светот. Доволно за една книга и за еден автор.

Од дневникот на една читателка

Монти Пајтон, Алан Форд, Данте, Чинго, Sоф…

Татјана Алексиќ:

Да напишеш ваков роман фикција, фузија од историски факти и митови, среќа и горчина, реалност и фантазија, треба да си начитан, наслушан, нагледан, нашетан и наигран. Да си доообар играч на полето (терен) на културата. Не мора да си најаден и напиен, затоа што испишаните страници се храна и вино. Дегустаторите на романот „И јас сум Сирма” ќе имаат сервирана богата трпеза на пикантерии од далечното минато, поблиското минато и блиската иднина, без да почувствуваат дека се во сегашноста, качени на временската машина а’ла автобусот од филмот „Ко то тамо пева”. Некои ќе ждригнат од прејаденост, а на други ќе им кркорат цревата од глад, по уште една ваква раскошна книжевна гозба, со историски залаци од 576, преку 1856, па сѐ до 2043 година и приемот во ЕУ кој ќе трае цели 58 минути!

На префинетите книгољупци може ќе им пречат скопскиот сленг и вулгаризми, но и тие се оправдани во име на уметноста, патем и метафора на вулгарното секојдневие. Британскиот хумор на Монти Пајтон, кој што бара широка култура за да го разберете; иронијата на Алан Форд, која што бара интелект за препознавање инверзија; храброста на Данте Алигиери, кој што ги става во Пеколот, со име и презиме, властодршците и свештениците кои можеле да го спалат на клада како свеќа; луцидноста на нашиот Живко Чинго, кој што со „Големата вода” ја напиша големата вистина за големите заблуди на комунизмот и сталинизмот во повоениот период, кога се одело на Голи Оток, ќе ги препознавате низ страниците на овој катарзичен роман, полн, преполн со љубов кон Македонија и презир кон нејзините уништувачи, минати и сегашни.

И џабе живиш у Скопје ако не дојдеш на промоцијата на овој интригантен роман во приказни, за големи деца, за да ѝ се доближиш на Сирма, главниот лик, симбол на нашата убава Македонија.

 

Пиши им на Сирма и Sоф